Веќе втора година по ред глобално најпродаван спортски модел е Форд Мустанг. Иако терминот „спортски автомобил” е растеглива категорија, а многумина сметаат дека Мустангот во потесна смисла на зборот и не е типичен „спортист”, возните карактеристики, силината на моторот и дизајнот секако дека го вбројуваат во оваа класа на возила.
Тајната на успехот на најновата генерација на овој модел кој трае повеќе од пола век е во тоа што новиот Форд Мустанг е направен за глобалниот пазар. Додека претходните верзии главно се врзуваа за северноамериканскиот континент, актуелниот модел официјално се продава во целиот свет, поточно во дури 140 земји.
Така во 2016 година Форд на купувачите испорача вкупно 150.000 примероци на Мустанг, од кои 45.000 биле продадени надвор од САД.
Мустанг во првата половина на 2017 година ќе стигне на уште шест нови пазари, а во Форд очекуваат дека во тековната година 30 отсто од произведените автомобили ќе се извезат во земји во светот. Надвор од САД, Форд Мустанг најбаран е во Германија и Кина.
Името Мустанг е присутно во автоиндустријата над 50 години. За тоа време овој модел стана најпродаван американски спортски автомобил.
Во почетокот на 2017 година актуелната генерација претрпе редизајн. Покрај благо изменетиот дизајн на автомобилот, промени се случија и во моторизацијата, па така Форд ја исфрли од понуда верзијата со 3,7-литарски V6 агрегат, кој слабо се продаваше.
Фокусот сега е на преостанатите варијанти на моторот, 2.3 литарски Eco Boost единицата и 5.0 V8 погонскиот систем, кој сега опциски може да се порача во комбинација со новиот 10-брзински автоматик. Што се однесува до мануелниот менувач, тој исто така е развиен.
Форд воедно вбризга дополнителна сила во V8 агрегатот, но не откри со колку коњски сили овој мотор ќе располага во иднина (во се уште актуелниот Мустанг, 5.0 V8 произведува 427 КС).
Кога станува збор за Eco Boost единицата, таа ќе развива поголем обртен момент. Рестилизирана е и внатрешноста на автомобилот, така купците на располагање имаат 12 инчна дигитална инструмент табла, наместо класичните инструменти со сказалки.
Редизајнираниот Форд Мустанг на северноамериканскиот пазар стигнува на есен, а потоа се очекува и во европските продажни салони.