Турските воени авиони рано изутринава бомбардираа курдски позиции во Ирак и Сирија и во нападите има жртви, соопшти турската војска.
Во соопштението се вели дека бомбардираните цели се наоѓаат во подрачјето на планината Синџар во северен Ирак, како и во планинските области на североисточна Сирија.
Турската војска нагласува дека тие напади ги извршила за да ја спречи инфилтрацијата на луѓе, оружје, муниција и експлозиви од тие подрачја во турските области, населени со Курди.
Анкара тврди дека припадниците на забранетата Курдска работничка партија (ПКК) во Сирија и Ирак наоѓаат засолништа во подрачја, кои ги контролираат сириските и ирачките Курди.
Курдските единици за заштита на народот во Сирија соопштија дека во нападите на нивните позиции кај градот Ам Малики имало жртви.
Сирискиот центар за мониторинг на човековите права исто така потврди дека се извршени „десетици симултани воздушни напади“ на позиции на Курдските единици за заштита на народот во провинцијата Хасаке и оти имало жртви.
Тоа се први воздушни напади во Сирија од март.