По Скопје, Прилеп, Штип, Василево, Кочани, Кратово и Македонски Брод, Берово е осмата општина во која помина Караванот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Сојузот на спортски федерации на Македонија за промоција на проектот „Спортот и семејните вредности“.
Основната намена на проектот е да се промовира спортот преку семејните вредности и да се стимулираат граѓаните преку спортот и спортските активности, да се дружат повеќе меѓусебно и да се зајакнат врските во семејството.
Во спортската сала во Берово „Македонски бранители“, која ја изгради АМС, дечињата заедно со нивните родители другаруваа и се натпреваруваа во штафета, балансирање со топка, “Здрвен дедо”, игра на прецизност, ракомет, фудбал и други забавни игри.
Настанот го отвори директорот на АМС, Марјан Спасески кој изрази задоволство од масовноста и од подготвеноста на посетителите да спортуваат и низ заедничка дружба да ги промовираат спортските принципи.
– Она што е многу битно во овој динамичен начин на живот каде најчеста појава е отуѓеноста во самите семејства еден од најдобрите настани кои можеме да ги приуштиме е спортот и дружбата. Верувам дека со реализацијата на овој проект ќе ја постигнеме целта, а истовремено младите луѓе ќе ги стимулираме да се занимаваат со спорт и спортски активности. Денеска нема да има победници и победени, денес ќе победи дружбата, изјави Спасески.
На промоцијата присуствуваше и градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, кој се заблагодари на Агенцијата за млади и спорт за реализација на овој благороден проект, со кој, како што рече, ќе се придонесе за создавање на стабилни и силни врски помеѓу родителите и децата. Спортот ја имаа таа моќ, да ги зближува луѓето и ваквите проекти се добредојдени секогаш.
Овој настан ќе продолжи да се имплементира и во останатите општини.