Резултатите од најголемото истражување кое некогаш е спроведено, а кое се фокусирало на глобалната распространетост на разни болести, покажале дека луѓето ширум светот живеат подолго, но се поболни отколку порано.
Анализата, наречена Лансет, покажала дека најголем ризик за лошото здравје претставуваат високиот крвен притисок, пушењето и алкохолот. Тие на врвот на листата ја замениле детската неухранетост, која од 1990 година претставува најголем ризик за лошото здравје на човекот.
За време на овој 15-годишен проект, во кој учествувале речиси 500 научници, откриено е дека срцевите заболувања и мозочните удари предизвикуваат еден од четири смртни случаи. Тие заедно предизвикале речиси 13 милиони смртни случаи ширум светот во 2010 година. Од ХИВ вирусот и СИДА истата година починале 1,5 милиони лица.
Иако луѓето од сите делови на светот сега живеат подолго, разликата меѓу очекуваниот животен век во богатите и сиромашните земји останала непроменета од 1970 година. Субсахарска Африка се уште има изразено голем број смртни случаи меѓу децата.
Болестите, како што се дијабетисот и ракот на белите дробови, напредувале неколку места на листата, а дијареата и туберкулозата на оваа листа се наоѓаат нешто подолу од обично.
Меѓутоа, голем број експерти го критикуваат начинот на кој е составена листата и веруваат дека таа е заснована на лоши докази.