Најмалку пет лица загинаа и 13 се повредени синоќа при уривање на трикатна зграда во градот Таганрог, во Ростовската област.
Според официјален претставник на Министерството за вонредни ситуации спасувачките работи се завршени.
Гувернерот на Ростовската област Василиј Голубов смета дека причина за трагедијата се пропусти при изградбата на зградата.
Истражниот комитет на Русија соопшти дека е подигнато кривично дело за „кршење на правилата на безбедност при градежни активности, што предизвикало смрт на две или повеќе лица. Веќе се приведени техничкиот раководител на објектот и други одговорни лица.
Дозволата за градба била издадена во март за трикатна зграда, но според првичните оценки на експертите за време на несреќата биле почнати градежни активности за четврти кат.