Германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, при својата денешна посета на Косово ја повика Европската Унија да ги поддржи инфраструктурните проекти во Западен Балкан, пренесува БТА.
Тој, меѓу друго, упати и предупредување кон косовските власти дека, подобрувањето на односите со Србија и Црна Гора е услов за членство во Унијата.
Габриел вчера беше во официјална посета на Белград, каде во разговор со српскиот премиер Александар Вучиќ, истакна дека, за да стане членка на ЕУ Србија треба да продолжи со дијалогот со Косово. Вучиќ на тоа одговори дека дијалогот помеѓу Белград и Приштина е прекинат, но не по вина на Србија.
На средбата со премиерот на Косово, Иса Мустафа, германскиот министер нагласи дека Парламентот во Приштина мора да го реши спорот со Подгорица за демаркација на границата, што е услов за безвизен режим меѓу Косово и ЕУ.