Во британската автомобилска мануфактура Дејвид Браун Аутомотив не кријат дека им се допаѓа начинот на кој во американската компанија Сингер од старите Поршеа 911 создаваат модерна класика, а нивната основа за исклучителниот спој на старото и новото во овој случај е оригиналниот Мини.
Автомобилската компанија Дејвид Браун Аутомотив на последниот Саем за автомобили во Женева изложи одличен модел Speedback GT кој се темели на основата на Јагуар XKR, но според сите други детали е модерна интерпретација на моделот DB5 на Астон Мартин.
Во меѓувреме, во ДБА се одлучија на љубителите на класиката да понудат и модерна креација која се темели на изворниот Мини, бидејќи (ваков каков што е денес) БМВ-овиот Мини остана Мини само со своето име.
Темелно дотеран оригиналниот 1,3-литарски 4-цилиндерски бензински мотор располага со 75 КС и се покренува со притисок на тастер, а покрај USB конекторот и можноста за поврзување со мобилен телефон, тука е и врвниот аудио-систем, кожа на седиштата, централно далечинско заклучување…
Автомобилот ќе се прави рачно, а покрај алуминиумските маски за ладилникот вреди да се наведе и LED технологијата во куќиштата на задните светла. Неколку хромирани детали на каросеријата се „зачин” без кој ваквите автомобили едноставно не би биле тоа што се.
Информација за цена на автомобилот за сега нема.