„Нисан“ го произведе модел „370 Зет Херитиџ“ со кој сакаат да потсетат на своето популарно спортско купе „240 Зет“.
Промена под предниот капак во овој случај сепак нема. Купувачите покрај додатоците на „Херитиџ“ можат да сметаат на неколку козметички детали на и во автомобилот, кои ќе можат да се добијат во една од двете понудени бои на каросеријата жолта и црна, со соодветни апликации на страните, покривот и капакот на моторот.
И додека жолтиот „370 Зет“ има црни куќишта на надворешните ретровизори, внатрешноста во двата случаи е украсена со жолта боја.
Спортското купе на „Нисан“, кое со години е во сенка на моделот ГТ-Р доби и освежени куќишта на предните и задните светла, редизајниран заден браник, полирани рачки на вратите, но и ново квачило со високи перформанси кои подобро ќе се снаоѓаат со потенцијалот кој го нуди 3,7-литарскиот В6 мотор со околу 330 коњски сили.
Покрај стандардниот шестстепен рачен менувач, во опција е и седумстепен автоматски менувач.
Автомобилот со кој јапонскиот производител сака да потсети на легендарниот модел „240 Зет“ од 1969 година, но и долгогодишната филозофија која со себе ја носи буквата „Зет“ во Нисан, своето премиерно претставување пред публиката ќе го има на Саемот за автомобили во Њујорк.