Четири години по лансирањето на актуелниот модел „Пежо 308“ ( Peugeot 308) и три години по титулата „Автомобил на годината 2014 во Европа“, компактниот хечбек на францускиот производител ќе го претрпи прв редизајн.
Како овој автомобил ќе изгледа после „затегнувањето на брчките“ откриваат фотографиите што во понеделникот се појавија на Интернет.
Иако имаат лош квалиет, фотографиите покажуваат дека „Пежо“ се одлучил за дискретна рестилизација. Најголеми стилски промени ќе има на предниот дел од возилото – редизајнирана маска на ладилникот и браникот, додека точкестите дневни ЛЕД светла се заменети со модерни ЛЕД ленти.
Браникот има поголеми отвори за воздух, а предните светла за магла се различни.
Промените на задниот дел се речиси незабележителни и можат да се воочат единствено со внимателно споредување со актулениот модел на „308-та“. Тие главно се однесуваат на стоп светлата, односно на дизајнот на задните светлосни групи.
Иако фотографиите се со ниска резолуција се чини дека помали промени доживеа и внатрешноста на автомобилот.
Повеќе информации и фотографии со подобар квалитет се очекуваат наскоро, кога и официјално ќе биде претставен редизајнираниот „Пежо 308“.