Тренерот на Металург Лино Червар се најде на рацете на своите избраници по сензационалната победа над шампионот Вардар (26:23) извојувана вчеравечер на домашен терен.
– Навистина сум горд на моите ракометари, кои покажаа голема храброст и огромна желба за успех над фаворизираниот и силен Вардар. Одигравме одличен натпревар во кој докажавме дека волјата понекогаш е посилна од моќта, покажавме дека сме тим кој има иднина и кој заслужува да има свое место на европската ракометна карта. Посебно сум задоволен што докажавме дека играме модерен ракомет, што негуваме стил кој има иднина, изјави хрватскиот стратег.
Тој се осврна и на критиките што на негова сметка беа упатени од Гино Стрезовски за стилот на игра со седум ракометари во поле без голман.
– Бев доста разочаран од бројните написи и критики, на моја сметка и на сметката на Металург, па и на репрезентацијата, особено од искажувањето на г-н Гино Стрезовски, кој ме обвини дека негувам “селски“ ракомет. Како професор кој воспитува ракометни кадри и идни тренери, Стрезовски во најмала рака би морал да внимава на вокабуларот што го користи, особено кога напаѓа друг тренер. Јас и натаму сметам дека можноста да се напаѓа со седуммина ракометари е најдоброто што во последно време се донесе во ракометот, бидејќи им дава шанса на креативните екипи. Можеби против ова правило се големите европски екипи, кои даваат огромни пари, но и кои не секогаш успеваат да се снајдат кога против нив се игра на овој начин. Денеска докажавме дека овој систем функционира, дури и кога против себе имаш состав кој конкурира за место на фајнал форот во Лигата на шампионите, нагласи Червар.