По повод Меѓународниот ден на жената, Археолошкиот музеј на Македонија денеска ќе ја отвори за јавност изложбата „Накитот низ вековите од Република Македонија“, која досега беше претставена во Софија и во Њујорк.
– Во 2015 во Бугарија и во 2016 во САД, изложбата привлече големо внимание и интерес во земјава и странство. Со цел да излеземе во пресрет на македонската јавност, таа ќе може да се види и во Скопје, соопшти Археолошкиот музеј.
На изложбата ќе бидат презентирани 68 копии од експонати кои претставуваат сведоштво за културниот континуитет и идентитет, уметничките тенденции и иновативниот дух на луѓето кои егзистирале на оваа територија од времето на праисторијата до крајот на 20 век или речиси девет илјади години континуитет.
Ќе бидат презентирани и неколку копии на тоалетни сетови за етерични масла, шминка и кутии за накит, а идејната концепција ќе ја надополнат и адекватно одбраните теракотни антропоморфни фигурини на кои изворно се претставени украсни елементи.
Експонатите ќе бидат изложени во пет витрини. Изложбата дополнително ќе биде збогатена со илустративно-едукативен материјал – банери, постери, видеопроекции, легенди и каталог.