Калифатот пропаѓа, ИД останува

Од:

Дојче веле – Бон

Исламската држава се наоѓа пред воен дебакл. Меѓутоа, таа терористичка организација и понатаму ужива поддршка од секој 10-ти жител на арапскиот свет. Зошто е тоа така? И како идеологијата на ИД конечно може да биде уништена?

Паравојската на Исламската држава (ИД) наскоро може да биде победена и во Мосул, последно големо упориште во Ирак. Ирачката војска со поддршка на меѓународните сили од воздух веќе го ослободи источниот дел од градот и зазема стратешки важен аеродром од каде се води офанзива на западните квартови. Тука преку реката Тигар, според проценките под власта на ИД живеат околу 700.000 цивили. Западен Мосул е потежок терен за борба, премрежен со тесни улици и густо е населен. Па сепак, се проценува дека таму има најмноги 2.000 џихадисти. Нивниот пораз, велат познавачите на приликите, е само прашање на ден.

Повлекување на интернет?

Како ќе изгледа иднината на ИД по загубата на најголемиот бастион во Ирак? Дека ИД има иднина без сомнеж покажува анкетата која ја спроведе Арапскиот центар за истражување и политика со седиште во Доха. Авторите на студијата ја спровеле анкетата во девет најважни арапски земји, меѓу нив во Тунис, Египет и Саудиска Арабија. Мнозинството (59 отсто) испитаници ги поздравува воените акции против ИД кои ги спроведува меѓународната коалиција предводена од САД. Меѓутоа 37 отсто испитаници биле против. Речиси три четвртини 72 отсто имаат негативен впечаток за Исламската држава, но сепак 11 отсто позитивен или дури многу позитивен.

Тие 11 проценти поддршка, кои ИД ги ужива на Блискиот исток и во северна Африка, долгорочно може да обезбеди преживување на терориситчката мрежа. Од една страна тие кои имаат симпатии кон борците на ИД, се подготвени да им пружат поддршка и да бидат јатаци откако борците ќе побегнат од Мосул и ослободените градови. Но, пред се, тука се и тие кои се подготвени да се приклучат на ИД.

Тоа дека ИД наспроти сите порази се уште има иднина сугерира и студијата која ја спроведе Кралскиот колеџ во Лондон. Прерано е да се планира свет без ИД, предупредуваат авторите на оваа студија. Во случај на нужда џихадистите на некое време би можеле да се повлечат од реалниот во виртуелниот свет и да водат борба од таму, се наведува во оваа студија. Светот на интернетот во иднина може да стане уште поважен за регрутирање на радикални исламисти. Истражувачите од Лондон пишуваат дека агитаторите на ИД на интернет даваат идеализирана слика на оваа паравојска и на „калифатот” кој го претставуваат како рај на земјата. Стратезите на ИД знаат многу добро дека ваквата тактика дава плодови: „Медиумското оружје може да биде посилно од атомското оружје”, напишаа во еден стратешки документ.

Западот и самиот е виновен

Зошто делови на арапскиот свет толку се приврзани кон бруталните терористи? Наведениот Арапски центар за истражување и политика од Доха ги наведува основните причини. Една од нив е дека многу Арапи живеат во тешки економски и социјални услови. Недостигот на моќта за учество во политичкиот живот, лошата јавна управа и недостигот на политички слободи поттикнуваат наклоност кон фундаментализмот.

Исто така, западните држави со своето делување одат на рака на џихадистите. Се потсетува на 1991 година кога Западот го премолчи падот на Исламскиот фронт за спас на власта во Алжир, иако оваа струја на политичкиот ислам на власт дојде на изборите. Тоа Западот го чинеше во арапското јавно мислење. Нешто слично беше видено во 2013 година, кога со воен пуч од власта во Египет беше збришано Муслиманското братство, иако чесно победи на првите демократски избори во историјата на земјата. Западот брзо се привикна на новиот властодржец, поранешниот генерал Ал Сиси. Погубна по имиџот на Западот беше и разорната интервенција во Ирак, темелена на лаги дека поранешниот диктатор Садам Хусеин поседува нуклеарно оружје.

Другите причини за големата поддршка на исламистите и тоа не само на ИД, се кријат во сплетот на догмите, културата и идеологијата. Како што се наведува во студијата, радикалните исламисти успешно „ги манипулираат” светите книги, а на тоа поле веќе имаат публика и тоа како подготвена да ги слушне. Го користат фактот дека многу муслимани се сраснати со својата религија и со тоа склони се да ги прифатат тие кои наводно се борат за таа религија, па макар и на перверзно екстремен начин.

Презир кон модерноста

Како дополнителен фактор за успехот на фундаменталистичката слика на светот, студијата го наведува посебниот однос на широките слоеви на населението во арапскиот свет кон модерноста. Радикализмот на Блискиот исток и во северна Африка се храни со тензиите меѓу традициите и со се побрзиот свет во кој за таа традиција има се помалку место. „Така радикализмот ја засилува сликата на светот, која веројатно се темели на погрешни претпоставки, но потоа ги одбележува речиси сите подрачја на животот: политиката, воспитувањето, улогата на религијата во општеството и можеби најмногу самата модерност”.

Сите тие околности, пишува либанскиот историчар Жорж Корм, доведоа до „автодеструктивна динамика” во арапскиот свет. Поради тоа популарноста на ИС не може да се уништи само воено, смета политикологот Рам Кури. Напротив, напиша тој за Ал Џезира „веројатноста е голема дека бројот на поддржувачите и симпатизерите на ИД дополнително ќе расте и ако самата ИС не биде уништена, но ако не се направи ништо за да се подобрат бедните улови кои милиони очајни Арапи ги доведоа до тоа да се свртат кон ИД како сламка за спас”.

Би можело да ве интересира

Ердоган: Турските разузнавачи го убија лидерот на Исламската држава

Ана Ололовска

Британката која се приклучи на Исламска држава, не може да се врати во Велика Британија

Ана Ололовска

Абу Хусеин – нов лидер на терористичката Исламска држава

Ана Ололовска

Исламска држава: Нашиот лидер е мртов

Ана Ололовска

ИД ја презеде одговорноста за вчерашниот смртоносен напад во Сирија

Ана Ололовска

Терористите побегнаа од затвор кој е под контрола на сириските Курди

Ана Ололовска