Арапската лига повторно го повика сирискиот претседател Башар ал Асад да поднесе оставка и да ја предаде власта на преодната Влада, се наведува во соопштението на крајот на министерската средба на Арапската лига во Доха.
Според Арапската лига тој чекор ќе стави крај на крвопролевањето и уништувањето во земјата, кои продолжуваат веќе втора година.
– Ние сакаме сириската криза да биде решена преку постигнување на договор, но режимот во Дамаск го избира патот на одложување и продолжува со уништување на сопствениот народ. Во оваа ситуација единственото можно решение е тансфер на власта, изјави вчера премиерот на Катар шеик Хамад бен Џасем ал Тани.
Според шеикот Ал Тани ако кај властите во Сирија останал здрав разум, тогаш тие треба итно да почнат процес на транзиција, со кој ќе се запре пролевањето крв.
Генералниот секретар на Арапската лига Набил ал Араби изрази надеж за приближување на позициите на САД и Русија, што ќе доведе до усвојување во Советот за безбедност на Обединетите нации соодветна резолуција за конфликтот во Сирија.