Иако поголем дел од својот живот го поминуваат под бурка, некои авганистанки чувствуваат притисок да ги следат идеалите на женската убавина и се подвргнуваат на пластична операција на неколку клиники во Кабул – и покрај тоа што козметичката хирургија се смета за грев во оваа многу конзервативна исламска држава.
Пред неколку години, со таквите операции генерално се третирани воени рани и лузни или отклонувани лузни од епизоди на семејно насилство и обиди за самозапалување на кое жените се одлучувале, очајни во тешките времиња на општеството под доминација на мажите.
Најпопуларна е интервенцијата која обезбедува поголем, поширок и “посовршен” нос, а се бара и затегнување на лицето, подигнување на градите и намалување на желудникот.
Д-р Аминула Хамкар, кој управува со една од само неколкуте клиники за пластична хирургија во Авганистан, смета дека тоа е добар знак, бидејќи покажува дека луѓето, барем во главниот град, ги надминале траумите од талибанското насилство и сега се свртуваат кон идеи кои се резервирани за мирни времиња.
Повеќето клиенти се припадници на малцинската заедница Хазара, кои сметаат дека нивните источни, монголски црти на лицето, со бадемасти очи и прав, мал нос, не се во склад со класичниот идеал на женската убавина.
Најевтината операција на носот со локална анестезија и вметнување на ‘рскавица од ребро наместо силикон, со цел да се намалат трошоците, чини околу 300, долари што е повеќе од една месечна плата на многумина Авганистанци.
Изложени на трендовите во Иран, Дубаи и европските земји, Авганистанците, сепак, се подготвени да платат за интервенција во чисто козметички цели, а со тоа, се зголемува и средната класа, откако по падот на талибанскиот режим пред 11 години, таму се слија милијарди долари помош.
Полицајката Шаида (18) заштедила двомесечна плата за да го оперира носот на клиниката на Хамкар, што за многумина авганистанци е доста скапо, но сепак е достижно.
– Моето семејство се молеше моите желби да се остварат, а сега се пресреќни за мене. Секогаш кога ќе ме видат ме прашуваат дали сум сега среќна, а јас им кажувам дека сум, затоа што мојот сон беше да се оперирам и изгледам како нормална личност, со поголем и поширок нос – вели Шаида.
Како и многу други, таа сега сака да изгледа уште подобро и повторно штеди за следната интервенција.
Хамкаровата клиниката има околу 100 пациенти годишно и едвај успева да ја задоволи толкавата побарувачка за “ново лице”, бидејќи двајцата хирурзи на таа клиника вршат околу две козметички операции неделно, покрај редовните интервенции на пластична хирургија во медицински или реконструктивни цели.