Пред нас е првиот сериски модел на обновениот, легендарен спортски автомобилски бренд на компанијата „Рено“, што на врвот од популарноста беше пред речиси половина век.
По неколкуте прототипови, конечно сме во можност да видиме како изгледа продукциската „Алпине А110“, моделот што на пазарот ќе се бори за купувачи и углед со ривалите како што се „Алфа Ромео 4Ц“ и „Порше 718 Кајман“.
Сериската верзија практично не се разликува од „Алпине Вижн“, концептот од 2016 година, а повеќе детали ќе бидат познати по официјалната премиера, која е закажана за 7 март и саемот на автомобили во Женева.
Според претходните најави „Алпине А110“ за погон ќе користи четирицилиндерски 1.8-литарски турбо бензинец, што развива меѓу 250 и 300 коњски сили, што на автомобилот треба да му овозможат од 0 до 100 километри на час да стигне за околу 4,5 секунди.
Иако сите детали се уште не се познати, производителот веќе почна да прима нарачки за ограничената серија „ Примера Едишн“.
Цената не се соооштува, а потенцијалните купувачи треба да дадат депозит од 2.000 евра.