„Џенерал Моторс“ е во преговори за можна продажба на марките „Опел“ и „Вајхол“ на групацијата „ПСА Шежо- Цитроен“, потврдија од двата автомобилски гиганти.
„Групацијата „ПСА“, заедно со „Џенерал Моторс“ (ГМ), ги разгледува можните стратешки иницијативи чија цел е унапредување на ефикасноста и профитабилноста во работењето на двете компании, вклучувајќи го и евентуалното преземање на марката „Опел“, се вели во соопштението на ПСА.
„ГМ“ и „ПСА“ имаат тесна соработка на полето на развојот и производството на одделни модели на мини-ван и СУВ/кросовери со што се постигнати значајни заштеди при дизајнирањето на новите автомобили.
Во случај „ПСА“ да ги купи марките „Опел“ и „Вајхол“, француската групација што сега ја сочинуваат автомобилските брендови „Пежо“, „Цитроен“ и „ДС“, ќе стане втората по големина автомобилска групација во Европа (зад „Фолксваген) со 16 отсто удел на европскиот пазар
Доколку дојде до договор, „ГМ“ практично ќе го напушти европскиот пазар и ќе се ослободи од евентуалните финансиски проблеми во кои компанијата може да се доведе со излегувањето на Велика Британија од Европската Унија.
Од друга страна, „ПСА“ ќе профитира од технологијата на „Опел“ која ќе се искористи и за моделите на другите брендови во своја сопственост.