Популацијата на развиените западни земји, како САД, старее, а просечен американски жител е подебел од порано, што влијае и на тестовите за безбедност на автомобилите.
Во многу тестови за безбедност на кои се подложени новите модели на автомобили, се користат стандардизирани кукли чија маса долго време не е променета.
Една американска компанија од Детроит почна во соработка со Универзитетот во Мичиген да произведува и тестира кукла со маса од 125 килограми, која од регуларната е потешка за 45 килограми, со цел при креш тестовите да ја унапреди безбедноста на дебелите патници.
Имено, истражување покажало дека просечен жител на САД денес тежи 10 килограми повеќе во споредба со тие во 70-тите години на минатиот век и дека значајно е зголемен бројот на дебели возачи и патници.
Човечкото тело чија маса значително е поголема од просекот, поинаку се однесува при судар отколку на тоа чија маса е слична како кај кукла за креш тест, па потребно е да се извршат испитувања на кукли со соодветна маса.
Освен „дебели” кукли, научниците конструирале и кукла која со својата градба симулира конституција на постари лица. Прототипот се темели на лице од женски род на возраст од 70 години, а целта е преку тестовите за безбедност со новите модели да се опфати и оваа, исто така растечка групација на жителите на САД.