Минхенските документи: Крај на стариот светски поредок?

Од:

Дојче веле – Бон

Пред Минхенската конференција за безбедноста која ќе биде одржана од 17 до 19 февруари Дојче веле објави текст во кој се анализира моменталната состојба на светскиот поредок, а главно прашање кое се наметнува е дали дошол крајот на поредокот каков што го познаваме.

Некои од тезите кои се наведуваат во работните документи на Минхенската конференција, кризата на либералната демократија, терористичките напади на џихадистичките групи, територијалните претензии на просторот на Пацификот и можноста САД да престанат да бидат фактор на меѓународната безбедност, укажуваат на песимизам и загриженост кај авторите на документот, наведе „Дојче веле”.

Шефот на Минхенската конференција Волфганг Ишингер во воведот на документот пишува дека меѓународната безбедност „во овој момент е пофрагилна од било кога од крајот на Втората светска војна”. Приказната е за веројатноста дека светот се наоѓа пред „пост-западен” период, што значи дека постои можност Западот и либералниот поредок да престанат да постојат.

Причини за загриженост има многу: се послабата алка која ги поврзува членките на Европската унија, новите текови на информациите, а тука е и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. На светските аналитичари не им избега ни тоа дека Трамп во својот инаугурациски говор во ниту еден момент не ги спомна зборовите како што се „демократија”, „слобода” или „човекови права”. Тоа не води кон добро за либералните вредности во целиот свет, сметаат авторите на работниот документ на Минхенската конференција, се наведува на сајтот.

Тоа го мисли и Волфганг Ишингер. Тој оценува дека противниците на отвореното општество се повеќе се зајакнуваат и напредуваат. Истовремено, луѓето на Запад се повеќе ја губат довербата во својот општествен либерален модел и неговите основни вредности. Една од многуте студии која се цитира во минхенскиот документ, покажува дека денес во се повеќе земји, меѓу кои се САД, Германија и Шпанија, се повеќе луѓе веруваат дека авторитарната власт е подобро политичко решение од демократијата, пренесува „Дојче веле”.

Појавата на лажните вести направи плодно тло, интересните групи или разузнавачките служби да пласираат информации од значење со цел за попречување или насочување на настаните во саканата насока. Во текот на предизборната кампања во САД или во текот на судирите на Русија и Украина, се покажа дека одредени групи или тајни служби се обидуваат да влијаат на состојбите објавувајќи ги само тие тајни податоци од кои можат да имаат корист, стои во текстот во весникот „Дојче веле”.

Во работните документи за конференцијата се наведува дека една од најголемите опасности лежи во тоа дека граѓаните уште повеќе ја губат довербата во политичките медиуми. Тука настанува маѓепсан круг, бидејќи владите кои се сметаат демократски не можат да воспостават некаква државна служба која би контролирала што е вистина, што понатаму значи дека не можат да забранат лажни или неточни вести, а пред се да не го напуштат сопственото начело за либералност, пишува „Дојче веле”.

Заканите по отвореното општество не настануваат само внатре во општествата, од информациите и незадоволството од развојот на сопствената заедница, туку се прелеваат и од странските судири, како што е граѓанската војна во Сирија. Обединетите нации проценуваат дека од 2011 година над 300.000 луѓе ги загубиле животите, а дека над половина жители од Сирија се наоѓаат во бегство, се наведува во анализата на сајтот на „Дојче веле”.

Протестот на дел од Сиријците против режимот на Асад, веќе одамна прерасна во меѓународен судир, пишува во работниот документ. Но, додека се повеќе сили и земји од регионот и надвор од него се замешуваат во настаните во Сирија, Западот главно не прави ништо. Веќе тука може да се види дека Западот како институција повеќе не постои, пишува во текстот.

Кога станува збор конкретно за тероризмот, најголема опасност и понатаму е самопрогласената „Исламистичка држава”. Нејзините следбеници се и во делови на западниот свет, а некои терористички напади во Европа го носат нивниот потпис. Но, земјите на Европа на различни начини реагираат на тој предизвик. Франција прогласи вонредна состојба, Германија спроведува истрага и рации кај лица и институции кои би можеле да бидат поврзани со ИД, а во некои земји постои веројатност дека во нив има следбеници на ИД, пишува „Дојче веле”.

Дел од решението лежи во тоа Европската унија да ја зацврсти својата соработка во борбата против тероризмот и да ги зајакне сопствените сили кои би можеле да реагираат, со цел европските земји да бидат во состојба да се спротивстават на џихадистичкиот предизвик, кој веројатно ќе потрае подолго време, се наведува во работниот документ.

Овогодишниот Минхенски извештај за безбедноста на 20 страници сумира краток преглед на актуелни и големи проблеми на светската политика. Авторите зборуваат за предизвици кои лесно би можеле да бидат крај на светскиот поредок каков што се воспостави по крајот на Втората светска војна. Тие притоа, не укажуваат само на разнишените стари сојузи и судири во кои се вмешани меѓународните фактори, туку и на развојот внатре во државите и тоа пред се на тие демократските, може да се прочита во текстот на „Дојче веле”.

Работниот документ на Минхенската конференција не е напишан за да понуди одговори. Неговата смисла е во тоа да биде основа за расправи на конференции за евентуално да се најдат заеднички одговори, притоа е важно да се разговара, дури и ако не се најде заеднички јазик, потсетува Ишингер, додавајќи: „Се надевам дека сите ќе разговараме целосно отворено и дека искрено ќе ги искажеме и своите разлики во мислењата за заедничките интереси и вредности”.

Би можело да ве интересира

Русија се вооружува: „Украина е само почеток“

Германија: Нема да ги укинеме ограничувањата за употреба на западно оружје со долг дострел

ВИДЕО: Полицајци во Берлин бркаат и приведуваат дете со палестинско знаме, снимката предизвика реакции

Катерина Ѓуровски

Тепачка во трговски центар во Германија, еден ранет, неколкумина повредени

Падна првиот снег

Предраг Петровиќ

Протече планот на Шолц за крајот на војната, офанзивата на Курск ги направи работите многу комплицирани