Властите ја укинаа вчера наредбата за евакуација на околу 200 илјади лица, кои живеат во подножјето на вештачкото езеро до гратчето Оровил, откако беше утврдено дека ризикот од уривање на напукнатата брана значително е намален.
Евакуираните жители веќе можат да се вратат во своите домови, изјави на прес-конференција шерифот на округот Бут, Кори Ханиа.
Претставници на службата за управување со водите изјавија дека пренасочиле доволно вода од езерото и оти продолжува работата за поправка на браната.
Шерифот додаде дека луѓето треба да бидат подготвени за нова евакуација, доколку ситуацијата се промени.