Боливискиот претседател Ево Моралес вчера пристигна во холандскиот град Хаг откако неговата земја во Меѓународниот суд на ОН поднесе тужба со која инсистира да добие пристап до Тихиот Океан, изгубен по војната со Чиле во 19-от век, пренесоа француските медиуми.
– Какво совпаѓање! Точно на 14 февруари 1879 година почнал упадот на Чиле на територијата на Боливија, изјави Моралес на прес-конференцијата во боливиската амбасада во Хаг.
Боливија, земја која се наоѓа во Андите и Амазонската низина, без излез на море, е една од најсиромашните држави во Јужна Америка. Откако, заедно со Перу, била поразена од Чиле во Тихоокеанската војна од 1879 -1883 година, на Боливија и била одземена територија од 120.000 квадратни километри, вклучувајќи и 400 километри од крајбрежниот појас.
По многубројни неплодни обиди за преговори со Чиле, во април 2013 година Боливија најпосле поднесе тужба пред највисоката судска инстанца на ОН, за да го обврзе Чиле да преговара за пристап до океанот, на што Ла Паз инсистира.
Во 2015 година Меѓународниот суд соопшти дека случајот е во негови компетенции.
Претседателот Моралес ќе учествува на подготвителната средба во Меѓународниот суд, заедно со амбасадорот во Хаг, како и со боливискиот правен, технички и историски тим за прашањето за излезот на Тихиот Океан.
Потоа Чиле ќе има време до 21 септември да одговори на боливиските аргументи.