Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кире Лазаров изрази задоволство од прикажаната игра и покрај поразот од Шпанија (25:29) вчера во Мец во 4. коло на Мундијалот во Франција.
– Како мала земја и како репрезентација од втор ред, втор ешалон која рамноправно се носи со големите европски селекции дадовме отпор и не калкулиравме. Господ ќе не награди и сигурно ќе не посреќи кога најмногу ќе ни треба. Имаше многу шпекулации дали да калкулираме и дали да се чуваме. Нема чување. Дадовме максимум и боли тоа што немавме рамноправно судење. Ме иритира што четврти натпревар судењето е лошо. Но, што е тоа е. Иако како Македонија значиме многу во ЕХФ, го немаме тој третман, барем на ова СП. Честитки до соиграчите и стручниот штаб, како и на „Фалангата“. Натпреварот ни даде верба дека можеме да играме со Исланд, рече Лазаров кој дуелот го заврши со шест погодоци.
Македонија денеска против Исланд (почеток 17:45 часот) го игра последниот дуел од групната фаза во обид да остане непоразена и да ја избегне Франција во осминафиналето.