Сириските бунтовници убија 29 ученици во минофрлачки напад врз училишна зграда во близина на Дамаск, пренесува RT. Во првите извештаи локалните Сириски медиуми објавија дека загинале осум студенти и еден професор, но бројот на жртвите се зголеми во текот на денот.
Нападнато е училиштето во кампот Вафиден, на околу 20 километри северозападно од Дамаск. Кампот Вафиден е дом на околу 25.000 жители кои се протерани од Голанската Висорамнина по израелската окупација во 1967 година.
Бунтовнички извори го потврдија нападот врз училиштето, но не сакаа да кажат кој стои зад него. Сириската новинска агенција SANA, пренесе дека училиштето го нападнала непозната група на бунтовници.
Хасан Мохсен, раководител на Одделот за образование за регионот, изјави за Асошиејтед прес дека се работи за “терористички напад врз образовна институција и учениците.”
Веќе некое време е познато дека бунтовниците добија минофрлачи и друго посилно оружје. Прес ТВ пренесува дека денес исто така се убиени и тројца цивили во градот Хомс по бунтовничкото бомбардирање.
Некои области во околината на Дамаск се под контрола на бунтовниците. Последните денови избија жестоки судири во овој регион откако сириската армија тргна во офанзива обидувајќи се да ја поврати контролата над регионот. Според последните информации, сириската армија им нанесе значителни загуби на бунтовниците. Се спомнуваат стотици мртви и ранети.
Во текот на денешниот ден, НАТО го одобри турското барање за поставување на проектили Патриот на границата со Сирија. Многумина веруваат дека овој потег е вовед во општа ескалација на конфликтот и можен почеток на воена агресија против Сирија. Да потсетиме, ОН и ЕУ најавија дека ги повлекуваат своите вработени од Сирија, поради се понесигурна ситуација.
САД повторно во прв план го наметнаа сириското хемиско оружје, а претседателот Обама вчера отворено се закани дека употребата на истото нема да се толерира. Говорот на Обама доаѓа во време кога некои американски разузнавачки експерти истакнуваат дека арсеналите на хемиско оружје се преместени.