Борците на Исламска држава (ИД) го зазеле замокот над древниот град Палмира, на исток од Сирија, тврди денеска агенцијата поврзана со оваа екстремистичка организација.
Џихадистите од ИД пред разденување се повлекоа од Палмира, по жестоките руски воздушни напади, само неколку часа откако повторно влегоа во овој древен град од каде беа протерани пред девет месеци, соопшти претходно денеска Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека руските авиони извеле 64 воздушни напади во текот на операцијата на протерување на ИД од стратешките области околу Палмира, убивајќи повеќе од 300 екстремисти, пренесоа британските медиуми.
Сирискиот центар за човекови права вчера соопшти дека припадниците на ИД повторно влегле во Палмира, од каде беа протерани пред девет месеци, и дека, по брзото напредување, воспоставиле контрола врз најголемиот дел од овој град, освен во јужниот дел.
Во текот на 10-месечната окупација џихадистите од Исламска држава уништија бројни споменици од Палмира, древниот Тадмор, градот што се наоѓа на листата на светско културно наследство на УНЕСКО, потсетува Би-Би-Си.
Под урнатините останаа храмови стари по два милениума, Тријумфалната порта и другите знаменитости од градот.