Шведскиот крал Густав Шеснаесети во Стокхолмската филхармонија вечерва ги врачи нобеловите награди за 2016 година за медицина, физика, хемија, литература и економија, пренесе ТАСС.
Деветте лауреати од монархот добија дипломи и златни медали.
Претседателот на Нобеловата фондација, Карл-Хенрик Хелдин, кој ја отвори денешната церемонија, изјави дека целта на основачот на наградата, Алфред Нобел, била да ги награди луѓето кои носат најголема корист за човештвото.
Нобеловата награда за физиологија или медицина ја доби Јапонецот Јошинори Осуми за откривање на механизмите на автофагија – процес за разградување и рециклирање на клеточни компоненти.
Нобеловата награда за физика ја зедоа Британците на привремена работа во САД, Дејвид Џ.Таулс, Ф. Данкан М. Холдејн и Џ. Мајкл Костерлиц за теоретските откритија на топологичните фазни премини и топологичните фази на материјата.
Французинот Жан-Пјер Соваж, Шкотланѓанецот Фрејзер Стодарт и Холанѓанецот Бернар Феринха ја добија Нобеловата награда за хемија за разработка и синтеза на молекуларните машини.
Британецот Оливер Харт и Финецот Бенгт Холмстром, кои работат во САД, ја добија Нобеловата награда за економија за својот придонес во договорната теорија.
Лауреатот за Нобелова награда за литература, американскиот музичар Боб Дилан, како што и најави, не присуствуваше на церемонијата, правдајќи се со други ангажмани, поради што наградата ќе ја подигне во текот на 2017 година. Тој испрати свој говор во кој се заблагодарува за високото признание. Говорот ќе биде прочитан на банкетот, по церемонијата на врачување на наградата, од поранешниот постојан секретар на Шведската академија Хорас Енгдал.
Освен медал и диплома Нобеловата награда се состои и од чек во износ од осум милиони шведски круни (824 000 евра), што се делат меѓу наградените за одрдена област во случај кога ја добиваат двајца или повеќе лауреати.