Во повеќе самоубиствени бомбашки напади на талибанските бунтовници и двочасовната борба со американските и авганистанските сили пред базата на НАТО кај градот Џалалабад, на истокот на Авганистан, утрово се убиени 12 лица и повредени неколку војници на меѓународната коалиција.
Локален полициски претставник рече дека 12 тела во авганистански полициски и воени униформи се пронајдени околу влезот во воздухопловната база, но засега не е јасно дали жртвите се талибанци кои често извршуваат бомбашки напади во униформи на авганистанските сили за безбедност.
– Имаше повеќе напади на бомбаши самоубијци, потврди мајорот Мартин Крајтон, портпарол на меѓународните сили на ИСАФ предводени од НАТО.
Талибанскиот портпарол Забихула Муџахид потврди дека повеќе талибанци „утрово ја нападнале американската база во Џалалабад и нанесена е голема штета на непријателот“.
Засега нема информации за евентуални цивилни жртви.