Лидерите на кипарските Грци и на кипарските Турци ги завршија преговорите во Швајцарија без да постигнат договор за територијалното прашање и без да определат датум за нова средба, се наведува во соопштението на ОН.
Претседателот на Кипар Никос Анастасиадис и лидерот на кипарските Турци Мустафа Аканџа, кои водат преговори од мај 2015 година, се сретнаа во неделата во луксузен хотел во Мон Пелрен, над езерото Леман, каде претходно преговараа од 7 до 11 ноември под покровителство на пратеникот на ОН за Кипар Еспен Барт Ајде.
– И покрај нивните најголеми напори, тие не успеаа да го постигнат неопходното доближување на критериумите за територијална распределба, што би го отворило патот кон последната фаза на „преговорите“, изјави претставник на ОН во Кипар.
– Двете страни одлучија да се вратат во Кипар и да размислат како да дејствуваат понатаму, додаде тој.
Кипар е разделен од 1974 година, кога турската војска упадна во северниот дел на островот по грчкиот државен удар кој беше извршен со цел Кипар да биде присоединет кон Грција.