Борците на силите на сириските Курди, Единиците за заштита на народот (ЈПГ) се повлекуваат од градот Манбиџ во северна Сирија и се префрлаат источно од реката Еуфрат, задоволувајќи го на тој начин барањето на Турција.
Во соопштението на оваа ЈПГ се вели дека нејзините припадници ја завршиле мисијата за обука на локалните курдски безбедносни сили во овој сириски град, што во август годинава го презедоа од џихадистите на Исламска држава (ИД).
Борците на ЈПГ од Манбиџ се префрлаат во реонот на Рака, каде заедно со другите бунтовнички сили, што се поддржани од меѓународната коалиција предводена од САД. се вклучуваат во офанзивата за преземање на овој град, кој важи за престолнина на т.н. Исламски Калифат, што го прогласи ИД.
Турција е непријателски расположена кон ЈПГ, иако тие војуваат против џихадистите во северна Сирија и ја имаат подршката на САД.
За официјална Анкара, Единиците за заштита на народот се „терористичка организација“. која е „продолжена рака“ на забранетата Курдска работничка партија (ПКК).
Подолго време, Турција бараше од припадниците на оваа курдска вооружена група да се повлечат источно од Еуфрат, заканувајќи се со напади врз нивните позиции.
Американскиот претставник на антиџихадистичката коалиција го поздрави решението на командата на ЈПГ.
Оваа курдска единица формираше сојуз со повеќе локални арапски бунтовнички групи создавајќи ја курдско-арапската алијанса Сириски демократски сили (СДФ).