Американскиот претседател во заминување, Барак Обама, денеска му честита на грчкиот народ за напредокот во процесот полн со предизвици, пренесе грчката агенција АНА-МПА.
Според Обама, многу е важно да се примени стратегија која ќе му помогне на грчкиот народ во текот на овој период.
Обама, кој денеска престојува во посета на Атина, на почетокот од својата завршна европска турнеја, додаде дека се надева дека Грција, заедно со Турција и другите заинтересирани страни, ќе се охрабрат и ќе пронајдат решение за проблемот со Кипар, како и дека длабоко ја почитува помошта што грчкиот народ им ја дава на бегалците.
Според него, САД се обврзаа да и помогнат на Грција во имплементација на програмите со кои се ограничува приливот на мигранти.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната прес-конференција со американскиот претседател Барак Обама изјави дека економијата на САД во последните години е подобро од онаа на Европа, јави дописникот на МИА од Атина.
Според Ципрас, тоа е така затоа што американскиот претседател Барак Обама се посветил на политики кои промовираат вработување, додека Европа се фокусира на штедење.
Додека некои во САД не се задоволни со економски раст од почетокот на финансиската криза во 2008 година, Ципрас рече дека САД имале „импресивен“ раст, додека европските економии се заглавени во „стагнација“.
Тој рече дека во Грција полека, но сигурно, се намалува невработеноста и се враќа довербата во економијата на земјата.
Во врска со новоизбраниот американски претседател, Ципрас рече не им се придружил на некои европски лидери во критикувањето на Доналд Трамп. Според него, Трамп во изборната кампања имал „агресивен начин“, но смета дека Трамп ќе дејствува поинаку во Кабинетот.
Грчкиот премиер изјави дека многумина се плашат оти Трамп радикално ќе ја смени надворешната политика на САД, но додаде дека и покрај овие стравови, „треба да се градат мостови, а не ѕидови“.
Ципрас исто така рече дека знае многу малку за Трамп, но откри дека некои луѓе уште пред изборите ми рекле дека за подобро да го разбере Трамп, треба да ја прочита неговата книга „Уметноста на договорот“ (The Art of the Deal).
Обама претходно, во разговор со претседателот Прокопис Павлопулос, порача дека силна, просперитетна и обединета Европа е добра не само за европскиот народ, туку и за целиот свет, па и за САД.
Обама притоа истакнал и дека НАТО „е апсолутно клучен“ за безбедноста и просперитетот на САД и додал дека трансатлантските односи се „камен темелник на заедничката безбедност и просперитет“.
Атина е првата станица на последната европска турнеја на Обама и во текот на денашниот ден во грчката престолнина го обезбедуваа повеќе од 5.000 полицајци и 500 агенти на ФБИ.
По посетата на Грција, Обама во Германија ќе се сретне со канцеларката Ангела Меркел, а потоа и со францускиот претседател Франсоа Оланд и со премиерите на Велика Британија и на Италија, Тереза Меј и Матео Ренци.