Алкалоид нов европски шампион во шах

Од:

Шаховскиот клуб Алкалоид од Скопје со пет победи и два нерешени резултата во седумте рунди го освои Европскиот клупски куп што изминатите седум дена се одржуваше во Нови Сад, Србија.

„Фармацевтите“ кои настапија во состав Динг Лирен, Павел Елјанов, Дмитри Андрејкин, Јангуи Ју, Дмитри Јаковенко, Јуриј Криворучко, Трајко Недев и Филип Панчевски, го освоија трофејот со вкупно 12 бода од можни 14, пред рускиот тим Сибир кој освои 11, исто колку и трето пласираниот Медни Всадник.

Во последното коло Алкалоид ремизира со руската екипа Легаси Сквер Москва (3:3), а со ист резултат заврши и дуелот на Медни Всадник и Сибир, директни ривали за тронот, додека последната закана од српскиот тим Свети Николај беше неутрализирана со ремито со азербејџанскиот тим Одлар Јурду.

Со освојувањето на златниот медал во исклучително силната конкуренција на европската и светска шаховска елита, најуспешниот македонски шаховски клуб достојно ја одбележа 40-годишнината од своето постоење.

-Имавме многу тежок меч кој буквално значеше сé или ништо за крајниот резултат на овој елитен шаховски собир. Со максимална посветеност, висока концентрација и непоколеблива борбеност успеавме да ремизираме на сите шест табли, со што за прв пат се закитивме со злато, кое ќе остави длабока трага во историјата на македонскиот шах, истакна ВМ Драгољуб Јакимовиќ, капитен на ШК „Алкалоид“.

Европскиот клупски куп (ECC, European Club Cup), познат уште и како Куп на шампиони во шах, е најсилното клупско шаховско натпреварување. Сите европски држави се застапени со своите најсилни екипи, засилени со шахисти од целиот свет.

Вториот македонски претставник на ова натпреварување, тимот на Гамбит Асеко заврши на 28.место, една позиција повисоко од рејтингот што го имаше пред почетокот на купот.

Би можело да ве интересира

Високите амбиции го враќаат шаховскиот клуб АЛКАЛОИД повторно во борба за европскиот клупски трон

ВИДЕО: Русинка ја отру противничката на шаховски турнир, надзорните камери снимија се

Титулата е одбранета: Шахистите на Алкалоид повторно до шампионскиот наслов!

Горан Наумовски

Шаховската сезона продолжува со отворените првенства на Македонија – ИМ Панчевски и ИМ Коскоска се први носители

ШК Алкалоид со нови медали на младинските првенства, промовиран и ШК Мулти Есенс

Предраг Петровиќ

Полски шахист одби да се ракува со рускиот велемајстор, кој е жесток поддржувач на Владимир Путин

Предраг Петровиќ