Советот на ЕУ денеска донесе одлука за три месеца да ги продолжи проверките на внатрешните граници на Шенген зоната.
Пет држави од Шенген го задржуваат правото да ги продолжат проверките – Австрија, Германија, Данска, Шведска и Норвешка. Со одлуката се наведува дека граничните проверки треба да се ограничат на време, место и зачестеност.
Одлуката за задржување на граничната контрола е според правилата за дејствување во вонредни ситуации.
Советот препорачува проверките да се реализираат само како последна можност за зачувување на внатрешниот ред и за спречување на движењето на незаконски влезените мигранти.
Петте посочени држави треба секоја недела да ги оценуваат околностите и секој месец да ја известуваат Европската комисија.
Државите имаат слобода сами да ги укинат проверките пред истекот на трите месеца, доколку се создадат неопходни услови за тоа.