Ирачки командоси рано утринава почнаа стрелба по позиции на „Исламска држава” (ИД) крај Мосул, соопштија американските медиуми, повикувајќи се на генералот Хајдер ал Обејди.
Според него, целите се наоѓаат северозападно од Бартела, христијански град, на 15 километри источно од Мосул. Ирачките специјалците ја зазедоа Бартела минатата недела, пренесува БТА.
Офанзивата за освојување на Мосул почна по неколку месеци планирање. Во неа учествуваат над 25 илјади војници од владината армија, курдските милиции Пешмерга, борци од локалните сунитски племиња, како и провладини шиитски милиции. Тие се поддржани од воздух од авијацијата на меѓународната антитерористичка коалиција. Се очекува да бидат потребни неколку месеци за заземањето на Мосул – главниот бастион на џихадистите.
„Хјуман рајтс воч” повика денеска да се започне истрага за наводен воздушен удар, нанесен во северен регион на Ирак во петокот, при што загинаа 13 цивили. Според организацијата, експлозија го погодила женскиот дел на шиитска џамија во градот Дакук. Локалните жители велат дека причината е воздушен удар, бидејќи разурнувањата биле големи, а и затоа што слушнале дека летаат авиони.
Единици на курдските милиции Пешмерга го одбиле нападот на борци од ИД кон градот Синџар, западно од Мосул. Ова го соопшти денеска на својата веб-страница панарабскиот весник „Ал Хајат”, пренесува ТАСС.
Според овој весник, со седиште во Лондон, жестоките борби во западните предградија на градот траеле два часа, пред напаѓачите да бидат одбиени. Курдите пријавиле дека биле уништени седум автомобили на џихадисти, натоварени со експлозив.