Експеримент на група јапонски научници покажа дека е можно да се добијат здрави глувци од јајце клетки кои целосно се произведени во лабораторија.
Јајце клетките се произведени врз основа на клетки од кожа кои се „репрограмирани” во матични клетки, објави научното списание „Нејчр“.
Истражувачите од Универзитетот во Кјото наведуваат дека младите глувчиња што биле добиени со оваа постапка, биле здрави и немале проблеми со неплодност.
Според нив, успехот на експериментот отвора можност за лабораториско производство на јајце клетки за двојки на кои им е потребна медицинска помош за оплодување.
Во поранешните истражувања веќе во лабораториски услови била произведена сперма, но за тоа биле потребни ембрионални матични клетки.
Овие клетки можат да се трансформираат во кој било тип на клетки во организмот.