Време е да се организира нов самит на Советот на Европа на кој ќе се сретнат шефовите на држави и влади на 47 земји-членки за заживување на Советот на Европа и за да се потврди неговата основна мисија наспроти “многу политички влогови”, наведува Комисијата за политички прашања на ПССЕ, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Во воведната забелешка, известувачот Мишел Николети (Италија), нагласува дека шефовите на националните делегации на Собранието и невладини организации во голема мера се залагаат за нов самит, четврти по ред од создавањето на Советот на Европа во 1949 година.
– Наша должност е да се бориме против национализмот и поделбите, и да се зачува и да се подобри нашиот “заеднички дом”, рече Николети.
– Ние треба, за доброто на идните генерации да направиме се што е во наша моќ за да не го потценуваат она што нашите предци го изградија”, додаде тој.
Постојаната комисија на ПС веќе повика за организирање на четвртиот самит, а и францускиот претседател Франсоа Оланд, во својот говор пред Собранието, рече дека Франција е подготвена да организира самит за да се утврди “нов курс” на Советот на Европа.