Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, вечерва, на гостувањето против литванскиот тим Лиеткабелис ги почнуваат настапите во Еврокупот.
Дуелот во Паневезис за „сино-белите“ доаѓа во непријатен момент, по низата од четири порази во АБА-лигата и промените во составот по заминувањето на тренерот Емил Рајковиќ, но македонскиот репрезентативец Марко Симоновски верува дека може да се надминат проблемите и да се прикаже добра партија против силниот противник.
– За нас ова е вторпат како играме во Еврокупот и добро знаеме дека против себе имаме исклучително квалитетни противници. Ќе ни биде тешко на секој од натпреварите, особено на тие што ќе ги играме на гостински терен, како вечерашниот против Лиеткабелис. Знаеме дека ќе ги одмериме силите со искусен тим, кој сигурно ќе сака со сигурна победа да ја почне европската сезона. Направивме промени во тимот по серијата четири порази во АБА-лигата и мислам дека ќе одиграме подобро во Паневезис“, изјави македонскиот репрезентативец, Марко Симоновски.
Натпреварот почнува во 18 часот, а ќе го судат Емилио Перез (Шпанија), Аре Халико (Естонија) и Ане Пантер (Германија).