Турските безбедносни сили од крајот на август досега убиле 417 курдски борци, соопшти денеска турската армија, откако вчера, при напад со камион-бомба, врз воен објект во југоисточна Турција, загинаа 18 лица.
Вчерашниот напад беше еден од најсмртоносните во последниот период, во регионот кој се граничи со Ирак и Иран, каде конфликтот меѓу турската војска и Курдската работничка партија (ПКК) е најголем.
Во соопштението на војската се посочува дека способноста на ПКК за извршување на напади е ограничена и подготовките за зимата се блокирани.
Од 29 август, 417 борци на ПКК се убиени, 61 – ранети, 41 се предале, а 18 се фатени во кампањата, која војската ја дефинира како „најефикасна и најобемна во последните години“.
Како што се наведува во соопштението, 88 припадници на турските сили за безбедност загинале, а 152 се повредени во текот на истиот период.
– Операциите ќе продолжат со истата решителност, се додека не биде неутрализиран и последниот терорист, се додава во текстот.
Бунтовниците од ПКК водат вооружени борби во Турција од 1984 година.
Курдската работничка партија се смета за терористичка организација од страна на Анкара, ЕУ и САД.