Истражување на начините да се биде заедно, да се формира заедница, користење на танцот, движењето, имагинацијата и споделување спомени, приказни, емоции за да разбереме нешто повеќе за нашето општество, заедницата и самите нас, вклучува проектната активност „Ситуации 2016“ која се реализира во киното Култура.
„Ситуации“ е формат развиен и замислен од страна на Гизела Милер, член на одборот на директори во Tanzfabrik, Берлин, Драгана Алфиревиќ, координатор на НОМАД Танц Академија Словенија и Биљана Тануровска Ќулавковски, директор на Локомотива, Скопје, со цел да помогне во развојот на нови формати за разбирање на танцот и улогата на кореографија денес.
Од Локомотива Скопје наведуваат дека „Ситуации“ истражува како танцот може да биде инклузивен, да поканува и повикува на учество, без компромитирање на неговиот филозофски и естетски потенцијал, и да биде помалку дел од практиката на изведување/играње – гледање.
Програмата на „Ситуации“ во Скопје се реализира во соработка со Култрениг програмата за современ танц и движење развиена и водена од Сабрина Железник, Климент Попоски и Елена Ристеска, како дел од програмата на кино Култура – Заедно – наменета за развој на заедницата.
– Ситуации во Скопје има отворен формат – формат на покана, во кој се канат на учество сите заинтересирани од различни возрасти и со различни искуства, да погледнат назад, да ја доживеат сегашноста и да размислуваат за иднината заедно, со користење алатки и идеи од современиот танц и кореографија. Реализацијата на „Ситуации“ во Скопје е поддржана од програмата за култура на ЕУ, Кооператива – регионална платформа за култура и Eastern European Performing Arts Platform, соопштија од Локомотива Скопје.