Се тресе Балканот, епицентарот во БиХ

Од:

Б92 – Белград

Два политички потреси со епицентар во БиХ во последниот месец го тресат Балканот, а во исчекување да се слегнат референдумските и изборните тектонски плочи, светските и регионалните медиуми не го тргаат погледот од просторот на поранешна СФРЈ.

Референдумот во Република Српска за 9 јануари како Ден на РС, кој е одржан на 25 септември, со месеци беше причина за засилени тензии на Балканот. Недела дена подоцна одржаните локални избори во Босна и Херцеговина потсетија дека и по повеќе од 20 години од распадот на СФРЈ, Западен Балкан и понатаму е политички трусно подрачје.

Пред самиот референдум тензиите во целиот регион беа подигнати на највисоко ниво по изјавата на генералот и началникот на воениот штаб на Армијата на БиХ Сефер Халиловиќ кој се закани со исчезнување на Република Српска ако се спроведе референдум во РС. Освен Бања Лука се огласи и Белград, а стигнаа и сигнали од Загреб.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ рече дека изјавата на Сефер Халиловиќ за уништување на Република Српска претставува најголема закана за мирот и стабилноста во регионот. Дачиќ наведе дека Халиловиќ не е само поранешен воен муслимански командант, туку тој е неофицијален портпарол на Бакир Изетбеговиќ.

Претседателот на РС Милорад Додик, многу ладно реагираше на заканувачките изјави на Халиловиќ.

„Халиловиќ е празна тиква која пука во празно! Тоа е уште една во низата воено хушкачки изјави на пропаднат генерал кој не одговараше ни пред Босанците во БиХ, а кој повторно сака да војува” – рече Додик.

Додик порача дека РС никој не може да ја уништи, ниту како што рече, некој ќе ја припои. „Затоа не треба да се дава значење на такви небулозни изјави на некаков Халиловиќ” – рече претседателот на Српска.

„Огнот” го гасеше и српскиот премиер Александар Вучиќ изјавувајќи дека мирот е основен приоритет за Србија и дека Република Српска нема да исчезне.

„Таквите изјави, од кој и да доаѓаат, секако не се добри. Србија ќе направи се да не дојде до нарушување на мирот, а секоја изјава во смисла на рушење на мирот, од било која страна да доаѓа, е лоша и непотребна. На нас ни треба мир по секоја цена и ние ќе го чуваме. Го почитуваме интегритетот на БиХ, но Република Српска нема да исчезне, што е во согласност со Дејтонскиот договор” – наведе премиерот на Србија.

Новите закани со војна на Балканот ја потресоа и Хрватска, па загрепски „Јутарњи лист” напиша дека Хрватска по повод настаните во БиХ ќе реагира на високо ниво кон ЕУ и САД и преку Советот за имплементација на мирот и дека ќе одигра цврста и активна улога.

Изјавата на Халиловиќ од фокусот на вниманието на јавноста беше исфрлена со посетата на Додик на рускиот претседател Владимир Путин три дена пред одржувањето на референдумот. Путин го поддржа референдумот, а светските медиуми пишуваа за интересите на Русија во БиХ, истакнувајќи дека официјална Москва единствена го поддржува изјаснувањето на граѓаните за Денот на РС.

Ројтерс наведе дека тој „автономен српски ентитет во БиХ” се спротивставува на највисоките судски органи во БиХ со референдум на кој се изјаснува за тоа 9 јануари да остане национален празник, но дека тоа на некој начин е и отварање пат на сепаратистички намери кои во РС постојат од 1990 година.

Ројтерс тврдеше дека многумина веруваат дека со организирање на референдум и неоткажување од неговото одржување Додик всушност се инаети за да укаже на слабоста на заедничките државни институции во Сараево, како и дека на тој начин се подготвува терен за гласање за сецесија на тој ентитет во БиХ.

На одржувањето на референдумот се противи и Европската унија, а едниствен кој го поддржува е претседателот на Русија, Путин, инаку традиционален сојузник на Србите во БиХ, пишуваше британската агенција. Сепак, тешки зборови пред и по одржувањето на референдумот најмногу летаа на релација Сараево-Бањалука.

Медиумите пишуваа дека на Додик му се упатувале закани дури и со апсење ако се одржи референдум, а претседавачот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ рече дека референдумот за Денот на Републиката во РС е инает на претседателот на Српска Милорад Додик.

Тој на Додик му ја предвиде, како што рече, судбината на Садам Хусеин, Моамер Гадафи, Слободан Милошевиќ.

Додик одговори дека Бакир Изетбеговиќ и странците нема да одредуваат даум за настанокот и раѓањето на Република Српска.

По одржаниот референдум, на кој мнозинството граѓани се изјаснија позитивно, тензиите не спласнаа.

Медиумите шпекулираат дека сега се можни различни сценарија, а некои веруваат дека во целата приказна ќе се вклучи и меѓународната заедница, која како некои што толкуваат, поради одржување на референдумот „добила шамар”.

Освен шпекулациите за апсење на Додик, се поставуваше и прашање за санкции за кои зборуваше високиот претставник во БиХ Валентин Инцко. Можните санкции не го спречија Додик во намерата да спроведе референдум, но се шпекулираше што би можело сега да следи, бидејќи во изјавите на Инцко немаше прецизност.

Обвинителството на БиХ упати покана за сослушување по повод одржаниот референдум, но откако адвокатот на Додик изјави дека лидерот на РС нема да се појави на сослушувањето, од таа судска институција во БиХ најавија дека на Додик ќе му упатат нова покана.

Додик претходно изјави дека ќе се јави на поканата и дека е подготвен да даде изјава за Обвинителството во БиХ, но во некоја друга судска институција на Српска. Истакна дека во Сараево нема да оди по изјавата на лидерот на СДА Бакир Изетбеговиќ, кој му ја предвиде судбината на Гадафи и Садам.

Во меѓувреме е суспендиран главниот обвинител на БиХ Горан Салиховиќ, а германскиот печат оцени дека БиХ поради сето тоа се соочува со опасност за дестабилизација, па и распад.

И локалните избори одржани на 2 октомври во БиХ предизвикаа мал потрес и и ги натераа светските медиуми да „ги наострат моливите”.

Прелиминарните резултати покажаа дека во Федерацијата БиХ најголемиот број високи места ги освои СДА во коалиција со СББ, а според првите прелиминарни резултати освоиле 33 раководни места, што е 12 позиции помалку во однос на резултатот од 2012 година. Во Република Српска победничка партија е СНСД која освои исто така 33 места.

Коалицијата СДА-СББ за прв пат освои место во Општина Центар Сараево, но ги изгубија градовите како Високо, Зеница, Горажде, Општина Стари Град и речиси сите градови во Краина, каде победници се само во Сански Мост.

СНСД во РС освои 11 позиции повеќе во однос на изборите во 2012 година. Победија во Бањалука, каде голема борба се водеше меѓу Игор Радојчиќ од СНСД и Драган Чавиќ од Сојуз за промени. СНСД по долго време победи и во Требиње, но и во Палама и Невесиње, кои долго беа бастиони на СДС.

Агенцијата АП во осврт за изборите во БиХ наведе дека „меѓу националистичките партии кои лесно победиле е и партијата која сака одвојување од Босна”.

АП оценува дека во „Република Српска е проруска сепаратистичка партија која е на власт повеќе од 10 години и ја победила коалицијата наклонета кон Европската унија, која не е ништо помалку националистичка” и објаснува дека „Сојузот на независните социјалдемократи СНСД, кој го предводи претседателот на Српска Милорад Додик, освои 30 отсто повеќе општини од минатите избори”.

„Партијата водеше кампања со ветување за одвојување на Република Српска од Босна, нешто што многу националистички ориентирани Срби го бараа од распадот на Југославија во текот на 90-тите години од минатиот век. Противниците на Додик од Сојузот за промени се концентрираа на кампања на секојдневните економски проблеми, истовремено обвинувајќи го за корупција и фрлање на тој регион во сиромаштија” – наведе АП.

Агенцијата додава дека Додик „успеал да го сврти вниманието на српските гласачи од обвинението за корупција со одржувањето на референдум во Република Српска околу спорниот празник кој се слави во тој регион, недела дена пред изборите”.

Во центар на вниманието беа изборите во општина Сребреница.

АФП истакнува дека изгледа Сребреница ќе го добие својот прв градоначалник Србин за последните 17 години и наведе дека „Сребреница е позната по масакрот на 8.000 муслимани кои го извршија српските сили”.

„Сребреница денес е Босна во мало, со муслимани и Срби кои живеат едни покрај други, но никако заедно; и понатаму со недоверба на едни кон други повеќе од 20 години од завршувањето на војната во Босна која траеше од 1992 до 1995 година и која однесе 100.000 животи и поради која се раселија два милиона луѓе” – објави АФП.

Стравот на се уште актуелниот прв човек на Општина Сребреница и кандидат за таа позиција на изборите Ќамил Дураковиќ дека ќе изгуби на изборите во таа општина се остварува, а на заедничкиот кандидат на српските партии за градоначалник на општина Сребреница Младен Грујичиќ, кој според неофицијалните резултати од гласањето убедливо води по бројот на гласовите, се упатени закани со смрт.

Тој рече дека знае кој му се заканува и дека случајот го пријавил во полиција.

Недолго по изјавата на Грујичиќ за заканите во медиумите се појави вест дека заканувачките пораки биле упатувани на Дураковиќ на социјалните мрежи.

Официјалните резултати од локалните избори во БиХ, кои тамошните медиуми ги оценија за нај интересни и нај неизвесни во таа земја до сега, се уште се чекаат како и расплетот на случајот за референдумот во Обвинителството на БиХ, а во медиумите и меѓу народот често се спомнува старата поговорка „Се тресеше гората, се роди глушец”.

Би можело да ве интересира

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

(ВИДЕО) Голема полициска акција на полицијата во Босанска Крупа

Горан Наумовски

Малолетник со нож упаднал во полициска станица во Босанска Крупа: Убил еден полицаец, а друг тешко ранил

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница