Меѓународниот фестивал на класична музика „Интерфест“ вечер продолжува со концерт на уметници од Турција, сопранот Седа Ортач, виолинистката Ханде Киден и Џана Гирман, пијано.
Во организацијата на концертот вклучен е и турскиот културен центар „Јунус Емре“, информираат од прес центарот на „Интерфест“.
– Јубилејното 25 издание досега понуди извонредни концерти или концерти за паметење со уметници од Италија, Германија, Србија, Казакстан и Македонија. Вечер публиката ќе има незборавна можност да проследи дела од Верди, Пучини, Моцарт, Дворжак, Крајслер и Ада кои ќе ги изведат гостите од Турција, односно сопранот Седа Ортач, виолинистката Ханде Киден и Џана Гирман, пијано. Во наредните денови ќе продолжиме со интензивна концертна активност и до 12 октомври кога фестивалот завршува, публиката ќе види и чуе уметници од Црна Гора, Италија и Македонија, истакна Милица Шперовиќ Рибарски, уметнички директор на фестивалот.
За време на овој висок меѓународен културен настан од сферата на класичната музика, а во чест на гостите од странство, в недела на 9 октомври, ансамблот на битолскиот театар ќе ја изведе претставата „Кралски игри“ од Григориј Горин во режија на Љупчо Ѓоргиевски.