Првите луѓе на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), претседателот Петар Наумоски и генералниот секретар Моника Гаврилоска на покана на претседателот на Турската кошаркарска федерација, Харун Ерденај во следните три дена ќе престојуваат во работна посета на ТБФ во Анкара.
На средбите со раководните луѓе на ТБФ, Наумоски и Гаврилоска ќе ја анализираат досегашната соработката која започна минатото лето и во чии рамки неколку македонски млади репрезентации престојуваа на тренинг кампови во Турција.
На средбите во Анкара во просториите на Турската куќа на кошарката, претседателот Наумоски и генералниот секретар Гаврилоска со нивниот домаќин Харун Ерденај ќе договараат и идна подлабока соработка меѓу двете федерации подигната на уште повисоко ниво. Главен акцент на соработката секако ќе биде ставен на усовршувањето на младинските селекции и создавање на идни сениорски репрезентативци.
На покана на првиот човек на ТБФ, Харун Ерденај , Наумоски и Гаврилоска во рамките на посетата на Анкара ќе го гледаат и дуелот од турскиот Супер Куп меѓу екипите на Анадолу Ефес и Фенербахче.