НУБ „Св. Климент Охридски“ ќе добие дигитална копија од книга на Крчовски

Од:

Дигитална копија од книгата на македонскиот преродбеник Јаоким Крчовски, со наслов „Поучителна наставленија”, му е предадена на македонскиот амбасадор во Унгарија Дарко Ангелов од Каталин Ноеми, раководител за меѓународна соработка при Националната библиотека на Унгарија „Шечењи“.

Книгата била отпечатена во Будим (Будимпешта) во 1819 година, а сега се наоѓа во депото на Националната библиотека на Унгарија. Содржи  претежно религиозни преданија, морални совети и написи за животот на видни христијански дејци во Македонија.

Амбасадата на Македонија во Будимпешта, која ја добила дигиталната копија од унгарската библиотека, информира дека таа ќе и биде предадена на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”.

– Во Македонија досега не постоел примерок од ова дело на Крчовски и неговото пронаоѓање во Будимпешта е резултат на соработката на пензионираниот дипломат од Министерството за надворешни работи на Република Македонија Димитар Белчев, амбасадорот на РМ во Унгарија Дарко Ангелов и македонскиот лектор во Будимпешта Панда Стојановска, соопшти Македонската амбасада во Будимпешта.

Во 19 век Будим бил град со прочуени печатници во кои неретко македонските преродбеници ги издавале своите дела напишани на народен македонски говор.

Како резултат на воспоставената соработка на националните библиотеки на Унгарија и Македонија, се очекува откривање на нови непознати изданија на македонски автори кои биле печатени во Унгарија.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање