Промовиран романот „Црна лисица“ од Блаже Миневски

Од:

Најновиот роман на писателот и новинар Блаже Миневски „Црна лисица“,  објавен пред еден месец од „Матица македонска“, денеска беше промовиран во Музејот на македонската борба од писателите Ефтим Клетников и Венко Андоновски.

Авторот на бестселерот „Нишан“ (кој деновиве има четврто издание на македонски јазик), во „Црна лисица“  ја раскажува македонската судбина на прогонствата, политичките убиства и полицискиот терор, малтретирањата, кодошењата, киднапирањата и затворањата на голем број македонски емигранти заминати од Македонија по Втората светска војна.  Притоа Миневски користел автентични документни, разговори со сведоци, полициски извештаи, прислушкувани разговори, запленета архива, писма и документи на македонските патриотски организации во Европа, како и доушнички доставки за голем број македонски политички емигранти во Европа, Австралија и Америка.

На 500-ината страници се ликови кои ја имале таа судбината и затоа, според авторот, книгата е биографија на македонското дисидентство, односно „биографија на сите оние што ја сакале Македонија повеќе одошто било дозволено“.

Според Венко Андоновски, „Црна лисица“ е исклучително важно дело за македонската литература зашто, како што рече, не враќа во некои празни графи во еволуцијата на нашиот роман зашто историскиот роман подолго време го нема во македонската книжевност.

– Романот враќа и една интригантна тема, а тоа е темата на досиејата преку кои може да се напише историски роман. Познато е дека сите историски романи можат да бидат во извесна смисла и лажни затоа што и историјата е подложна на фалсификати. Но Миневски во својот роман, користејќи го досието на Драган Богдановски, кој како лик во романот се вика Богдан Козјак, ни ги покажува спротивставеностите на извештаите на кодошите кои, фактички, ја пишуваат неговата биографија. Така што тоа досие не може да биде лажно, затоа што е полемично, покажува сосема спротивставени ставови за неговата личност. Романот го сметам за одличен затоа што остава многу отворени прашања, а не брани една теза за тоа кој бил Драган Богдановски, изјави Андоновски.

За писателот  Ефтим Клетников, романот на Миневски е исклучително дело во кое, како што рече, авторот се зафатил со доста опасна тема од литерарен аспект, не од политички – преку македонската емиграција и еден централен лик да ги отслика македонските трауми и судбини.

– Таа е опасна материја за еден романсиер ако тој не знае да ја канализира, но тој е автор, според мене, со исклучителен талент, во самиот врв на нашата литература. На романот не му дал трилерски тек  бидејќи има припот од настани и личности, туку успеал да ја изведе сижејната структура преку една исповед во јас-форма на главниот лик и тоа функционира многу убаво. Преку главниот лик е впиена сета трауматска и идентитетска судбина на Македонија која, за жал, и денес ние ја живееме многу трауматично, рече Клетников.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање