Еквадор соопшти синоќа дека ќе и дозволи на шведската Влада да го сослуша основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој од 2012 година се наоѓа во еквадорската Амбасада во Лондон.
Министерството за надворешни работи на Еквадор синоќа објави дека следните недели ќе се прецизира процедурата околу сослушувањето на Асанж во Амбасадата во Лондон и оти тогаш ќе се одржи состанок.
Шведска во јуни побара сослушување на Асанж. Тој во вторникот поднесе жалба на одлуката на Окружниот суд во Стокхолм, кој го потврди налогот за негово апсење поради наводни кривични дела силување и сексуално вознемирување, што тој ги негира.
Обвинителите во Шведска сакаат да го испитаат Асанж за тврдењата на две поранешни волонтерки во Викиликс.
Двете Швеѓанки го обвинија Асанж за сексуално вознемирување, но официјално обвинение не е покренато.
Според шведските закони, осомничениот може да биде обвинет за извршување кривично дело дури по сослушувањето.
Шведските власти бараат апсење и екстрадиција на Асанж од 2010 година. Британски суд во 2011 година донесе одлука за екстрадиција на Асанж во Шведска, по што тој засолниште најде во Амбасадата во Еквадор во Лондон.