Американскиот пливач Мајкл Фелпс со двете први места на ноќешните трки од пливачките натпревари на Игрите во Рио, стигна до бројката од 21 златен олимписки медал.
Фелпс триумфираше во трките на 200 метри пеперутка и беше дел од американската штафета 4 х 200 метри слободно.
Во трката на 200 метри покрај Фелпс на подиумот се најодоа и Масато Сакаи од Јапонија (сребро) и Тамаш Кендереши од Унгарија (бронза). Олимпискиот шампион од Лондон Чад Ле Клос (Јужна Африка) го освои четвртото место.
Во штафетата на САД, покрај Фелпс, до златниот медал допливаа уште и Конор Дваер, Францис Хас и Рајан Лохти. Среброто им припадна на пливачите од Велика Британија, а бронзата на Јапонците.
Доминацијата на американските пливачи ноќеска ја надополни и Катлин Ледеки, која победи во трката на 200 метри слободно. Сара Сјостром од Шведска го освои второто место, а трета заврши Ема Меккеон од Австралија.
Третиот златен медал на Игрите во Рио го освои Унгарката Катинка Хосу во трката на 200 метри мешано и сега има шанси да биде најуспешна на Игрите. Среброто го освои Британката Сибон О‘Конор, а бронзата и припадна на Американката Медлин Дирадо.