Компанијата „Сузуки“ ги објави првите официјални фотографии од рестилизираниот модел „S-Cross“, во пресрет на светската премиера закажана за октомври и саемот на автомобили во Париз.
Се покажа дека неофицијалната фотографија што на почетокот на годината се најде на Интернет е автентична, па кросоверот на „Сузуки“ наскоро ќе добие многу поагресивен изглед.
Предниот дел на возилото претрпе значителен редизајн, што ги вклучува хаубата, маската на ладилникот, фаровите и браникот.
За разлика од актуелната верзија „S-Cross“за 2017 година повеќе наликува на робусен SUV модел, со што значително е променет визуелниот карактер на автомобилот.
Од друга страна, промените на задниот дел на возилото се подискретни и вклучуваат рестилизиран браник и стоп светла.
„Сузуки“ не ги објави техничките детали, а неофицијално „S-Cross“ треба да добие нов 1.4-литарски Boosterjet турбо мотор, што дебитираше кај новата „Витара“. Овој мотор во „Витара“ произведува 140 кс и 220 Нм.
Големи се шансите палетата мотори на редизајнираниот модел да биде побогата и за 1.0-литарски турбо бензинец, додека во дизел понудата останува актуелниот 1.6-литарски агрегат.
Повеќе детали за овој модел ќе бидат познати пред почетокот на авто-салон во Париз.