Шкотскиот прв министер Никола Старџен изјави денеска дека Шкотска би можела да остане и во Велика Британија и во ЕУ, и ако остатокот од Обединетото Кралство ја напушти Унијата.
Во разговор за Би-Би-Си, Старџен не ја елаборира ваквата варијанта, но вели дека Единбург, практично, има „непополнет лист хартија“ за реализација на опциите кои досега беа „целосно незамисливи“.
Таа веќе престојуваше во Брисел, каде се сретна и разговараше со претседателот на Европскиот Парламент Мартин Шулц и со претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, околу можностите Шкотска да остане и понатаму дел од ЕУ, несогласувајќи се и неприфаќајќи го Брегзит, што се изгласа со „гласовите на луѓето во Англија“.
Старџен соопшти дека шкотските гласачи се определиле за останување во ЕУ, како и дека членството во Унијата е прашање од национален интерес за Шкотска.
– Како прв министер ќе направем се што ми стои на располагање, за да се исполнат желбите на Шкотланѓаните, изјави Старџен по референдумот за ЕУ од 23 јуни.
Шкотската прва министерка предупреди тогаш дека Шкотска ќе организира и втор референдум за отцепување од Британија, доколку не се најде начин земјата да биде дел од Унијата, независно од Обединетото Кралство.
Британскиот министер за Шкотска Дејвид Мандел ги отфрла плановите на Старџен за одвоено членство на земјата во ЕУ, објаснувајќи ги како „неостварливи и смешни“.
Од Единбург, Старџен порача дека Шкотска има „цврсти позиции“ во врска со разговорите на Лондон за Брегзит.
Британскиот премиер Тереза Меј, која се сретна во петокот со Старџен, ги отфрла јавните полемики и изјави дека нема да има почнување на формалните преговори со Брисел за раздружување, додека во Британија не се расчистат сите внатрешни позиции, мислејќи на тоа какви опции има Шкотска.