Четири македонски пливачи ќе настапат на Европското првенство во пливање што од денеска до недела се одржува во Лондон, Англија.
Во машка конкуренција ќе пливаат: Марко Блажевски во три дисциплини (100 метри градно, 200 метри мешано и 200 метри градно), Андреј Стојановски една дисциплина (1.500 метри слободно) и Љупчо Ангеловски една дисциплина (50 метри пеперутка).
Кај жените Ана Марија Дамјановска ќе биде единствената претставничка и тоа во две дисциплини (50 метри пеперутка и 50 метри слободно).
Денеска во квалификациите на првиот ден ќе пливаат: Дамјановска (50 метри пеперутка), Блажевски (100 метри градно) и Љупчо Ангеловски (50 метри пеперутка).
Анастасија Богдановски нема да настапи на ЕП во Лондон, бидејќи се наоѓа на подготовки со американските пливачи во Колордо Спрингс (САД), како дел од подготовките за Олимписките игри во Рио.