Претседателот на Австрија Хајнц Фишер, зборувајќи пред Парламентарното Собрание на Советот на Европа, во чест на 60-годишнината од приемот на неговата земја во Советот на Европа, нагласи дека без приемот на балканските земји во Европската Унија, таа нема да биде комплетна, признавајќи дека тоа ќе биде тешко, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.
– Проширувањето на Европската Унија во иднина ќе биде тешко. Но без земјите од Западен Балкан таа нема да биде комплетна. Земјите од овој регион треба да станат членки на Европската Унија, тоа ќе го стабилизира регионот и со тоа ќе се спречат идни конфликти, рече австрискиот претседател.
Најголем дел од говорот на Фишер беше посветен на бегалската криза и масовниот прилив на мигранти во Европа. Тој притоа оцени дека „унилатералното затворање на границите“ не е добра политика. Но фактот што надворешните граници на ЕУ не се добро раководени, нормално е што земјите бараат контрола на своите граници за да знаат кој влегува и излегува од нив.“
Во однос на договорот склучен меѓу Турција и Европската Унија, австрискиот претседател, кој наскоро ќе ја напушти оваа функција, оцени дека истиот бил прифатен од сите земји членки на ЕУ со цел да се направи минимална контрола на приливот на мигрантите и бегалците, но тој се сомнева дека тој ќе биде спроведен целосно како што беше потпишан, но Австрија внимателно ќе го следи неговото спроведување.
Претходно тој го оправда затворањето на балканската рута за бегалците поради огромниот број на бегалци кои во 2015 година поминаа по овој пат, над еден милион, како и по промената во јавното мислење и однесувањето во некои од земјите членки на ЕУ кон мигрантите.
Фишер побара разбирање од парламентарците на земјите- членки на ЕУ, со оглед дека 800.000 бегалци беа контролирани на нејзината граница, иако најголемиот број од нив заминаа за Германија, во една земја со 8,5 милиони жители во 2015 година биле поднесени 88.000 барања на азил, односно 1 процент од нејзиното население.
За оваа година Австрија најави дека ќе прифати само 37.500 барања на азил, односно 0,5 отсто од нејзиното население, додека во некои земји на ЕУ, 13 вкупно, бројот на поднесените барања е под 0,1 процент од населението.
На прашањето на дописникот на МИА да го коментира ставот на Австрија во однос на затворањето на балканската рута за бегалците, Хајнц Фишер одговори:
– Ставот на Австрија е сличен на ставот на Словенија, Хрватска, Србија и другите земји на таа рута, а тоа е дека патот од Турција преку Грција кој водеше право до Германија, и преку кој поминаа стотици илјади луѓе, е неприфатлив. Само во четири месеци во 2015 година 800.000 луѓе минаа преку таа рута. Тоа е неприфатливо и не може да се контролира. Доколку Германија уште донесе одлука да го ограничи пристапот до нејзина територија, тоа ќе предизвика вистинска катастрофа. Затоа, нашата заедничка одлука беше да се намали опасноста од ваква разврска и како резултат на одлуката, бројот на бегалците се намалува и состојбата стана поднослива во Хрватска, Словенија и другите земји, изјави претседателот Фишер за МИА.
Прашан за состојбата со големиот мигрантски камп на грчката страна од границата кај Гевгелија, Фишер вели дека мора да се изнајде европско решение. – Проблемот во Грција, кој се проширува кон грчко-македонската граница, е трагичен и ние не сме слепи околу тоа прашање. Но, ова мора да се реши со европски постапки. Ги знаете мерките кои се определени. Не ја занемаруваме хуманитарната димензија. Но, оваа состојба на одврзани раце, да ги пуштаме да одат кој каде сака, тоа веќе не е возможно, изјави Фишер.
Во однос на односите на Европа со Русија, австрискиот претседател оцени дека политиката која има за цел да ја донесе Украина во НАТО, може за Европа, Украина и Русија, целосно гледано, да донесе многу повеќе недостатоци отклку предности.