По неуспешниот настап на македонските ракометари во квалификациите за Олимписките игри во Рио, првиот човек на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, најави повлекување од функцијата претседател.
Ова меѓу другото се вели во писменото соопштение објавено на официјалната веб страница на Федерацијата, кое го пренесуваме во целост:
„По неуспешните квалификациски натпревари за ЛОИ 2016 на машките сениори, јас лично сум многу разочаран од неуспехот и стојам на ставот кој го кажав по завршувањето на Европското првенство во Полска: моето повлекување ќе биде презентирано до надлежните тела во Федерацијата, Управниот одбор и Собранието.
Овој пат нема оправдувања, сите во репрезентацијата сме свесни дека испуштивме огромна шанса за историски успех, но, веројатно, толкави ни беа силите и можностите. Жал ми е што исклучително квалитетните имиња кои ги имаме во ракометот не успеаја да дојдат до овој најголем спортски спектакл наречен ЛОИ.
Желбата беше огромна, но притисокот уште поголем, што веројатно беше каменот што не сопна… Секоја чест и огромна благодарност до капитенот, кој максимално се вложи како лично така и професионално.
Ова за мене е големо разочарување и подготвен сум да ја понесам одговорноста, но задоволен сум што оваа раководна гарнитура ја постави Федерацијата организациски на здрави нозе и состави систем на вредности кој може многу лесно да подготвува млади таленти за големи успеси. Би сакал, исто така, да им честитам на нашите млади надежи за успехот на квалификациите за ЕП во Данска и се надевам дека олимпискиот сон наскоро повторно ќе го сонува некоја од младите категории’’.