Машката ракометна репрезентација на Македонија попладнево во „ЕРГО арената“ во Гдањск го одработува првиот и единствен тренинг пред стартот на квалификациите за Олимписките игри во Рио летово.
Македонскиот селектор Ивица Обрван на средбата со новинарите уште еднаш потенцира дека домашната репрезентација на Полска е прв фаворит во групата, не само поради квалитетот кој го поседуваат полските ракометари, туку и поради фактот дека сега селектор на оваа репрезентација е Талант Душебаев тренерот на полскиот шампион Киелце.
– За нас ќе беше подобро Полска да не го менуваше селекторот. Не дека се плашиме од Талант, сепак играат ракометарите, а не селекторите, но тој ја има основата од Киелце. 70-80 проценти од ракометарите се од Киелце и тој ги гледа секојдневно и работи со нив. Не чувствувам трема, мислам дека и јас и ракометарите сме подготвени и знаеме што е пред нас. Ова е шанса која не се укажува секој ден и верувам дека можеме да ја искористиме, изјави Обрван.
Хрватот откри и колку тој и соработниците, но и ракометарите го чувствуваат неминовниот притисок пред вака голема шанса.
– Да бидам искрен не спиев најдобро последните денови. Но, не знам каков би бил тој човек кој би спиел мирно пред ваков предизвик. Нестрпливо очекувам да почне првиот и да заврши последниот трет меч и заеднички да се радуваме в недела, истакна селекторот.
По тренингот Обрван треба да реши и кои двајца ракометари ќе останат надвор од тимот за првиот натпревар против Полска кој ќе се игра утревечер со почеток од 20 часот и 30 минути.
Во првиот натпревар од оваа квалификациска група ќе играат Тунис и Чиле против кои редоследно македонските ракометари ќе се сретнат во сабота и недела.