Машката јуниорска репрезентација на Македонија ја совлада Бугарија и на денешниот втор пријателски дуел што се играше во Скопје. По изедначеното прво полувреме, избраниците на Александар Јовиќ победија со 31:21.
По вчерашниот убедлив триумф во кој Македонија водеше во текот на сите 60 минути, денеска најголемиот дел од првото полувреме Бугарија го помина во минимално водство. Пред крајот на полувремето, Бугарија поведе со највисоки 13:10, но нашата репрезентација до паузата направи серија од 3:0 и на одмор се замина со изедначен резултат.
На почетокот во второто полувреме Македонија направи серија од 4:0 и успеа резултатски да се одлепи, а потоа до крајот постојано и го зголемуваше водството. Во однос на вчерашната средба, Македонија денеска настапи без Филип Кузмановски. Повторно најефикасен беше Филип Талевски со 10 голови.
Двата натпревари против Бугарија што се играа во салата Автокоманда во Скопје се дел од подготовките за настап во квалификациите за ЕП 2016.
Квалификацискиот турнир се игра во Шафхаузен во Швајцарија во периодот од 8 до 10 април. Македонија е во групата со Црна Гора, Фарски Острови и домаќинот Швајцарија. Најдобро пласираните две селекции од групата ќе обезбедат пласман на ЕП во Данска 2016.